Спасувачките екипи се во трка со времето во потрагата по исчезнатите во поплавите кои зафатија голем дел од западна Европа, а најсилно ги погодија Германија и Белгија.Стотици луѓе се водат како исчезнати.
Бројот на загинати во поплавите во Германија достигна 133 и со таа цифра, веќе има 160 жртви на природната катастрофа во области во Западна Европа.
Полицијата во западногерманската покраина Рајнска област-Пфалц утрово соопшти дека веќе има 90 загинати – 27 повеќе од вчера. Стотици луѓе во регионот се исчезнати,и според дел германски медиуми, таму може да има околу 600 жртви.
Во соседната провинција Северна Рајна-Вестфалија, досега е потврдена смртта на 43 лица.
Најмалку 25 лица загинаа во поплавите во Белгија, според последните податоци.
Големи полави ги погодија и Швајцарија, Луксембург и Холандија.
Европските лидери сметаат дека климатските промени се виновни за екстремните временски неприлики. Експертите велат дека глобалното затоплување предизвикува и ќе предизвикува силни врнежи.
Темепературата на Земјата е веќе зголемена за 1.2 степени од почетокот на индустриската ера.
Во Германија каде бројката на жртви од поплавите надмина 100, спасувачките екипи имаа огромни потешкотии во потрагата по исчезнатите и мораа да ги остават блиските на овие луѓе во неизвесност околу нивната судбина.
Во земјата не функционираат телефонските линии, патиштата се тешко оштетени, а повеќе од 100 илјади семејства останаа без електрична енергија.