Министерството за правда ги демантира информациите дека набавило кафемат во вредност од над еден милион евра.
– Станува збор за грешка на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, кое по реакција на Министерството е коригирана, велат од Министерството.
Министерството за правда, појаснуваат, има склучено договор со фирмата „Медикал маркетинг“ ДООЕЛ за годишна набавка на кафе во вредност до 60 илјади денари (без ДДВ).
– Кафематот за кој се пишува дека чини над милион евра е добиен од истата фирма на користење без надомест, односно Министерството нема трошоци за него и ќе биде вратен по истекот на договорот. Вредноста не мора да биде искористена во целост доколку вредноста на доставеното кафе е помала од истата, односно колку ќе се потроши толку ќе се плати за една година, при тоа да не се надмине износот од договорот, посочуваат од Министерството.