Во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје во текот на вчерашниот ден биле идентификувани двајца пациенти позитивни за делта сојот на SARS-CoV-2, со што и официјално беше потврдено дека делта сојот се шири во Македонија, информираат од болницата.
„Уште од самиот почеток на пандемијата, во лабораторијата редовно се врши секвенционирање на позитивните примероци со цел детекција на нови соеви во државата. Сите позитивни примероци за кои внимателно се утврдува дека се сомнителни за некој друг сој на вирусот, различен од доминантниот, подлежат на понатамошно секвенционирање и утврдување на конкретниот сој. Во овој случај беше детерминирано дека се работи за делта сојот, уште познат и како ‘индиски’ сој“, велат од „Жан Митрев“.
Министерот за здравство Венко Филипче утринава изјави дека во земјава вчера бил регистрирано уште едно лице заразено со индискиот сој на коронавирусот. Пациентот се лекува во Велес и има лесна клиничка слика.
Во меѓувреме, се чекаат резултати за уште четворица пациенти кои се сомнителни на индискиот сој на коронавирусот и тие се лекуваат во Скопје. Еден од нив, како што рече Филипче, има потешка клиничка форма и е поставен на респираторна машина, додека останатите се стабилни.
Овие пациенти, како што кажа министерот за здравство, не се поврзани еден со друг и не биле вакцинирани.
Доколку се потврди дека четворицата суспектни пациенти се позитивни, во државава би имале десетмина заразени од индискиот сој, со оглед на тоа што претходно беа регистрирани три лица.