Кривичниот суд го осуди поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски на 3 години затвор за случајот набавка на тенковски делови.
Методија Стамболиски, поранешен началник на ГШ доби 3 години затвор, поранешниот државен советник во Министерството за одбрана Ацо Ѓурчевски 2 години затвор Нелко Менкиновски, 2 години затвор, додека Митре Петковски, директор на МЗТ ФОП 3 години затвор. За екс министерот за одбрана, Владо Бучковски одлуката на судот е скандалозна.
– Апелациониот суд кога ја укина првостепената пресуда даде насоки, кои во превод значеа ослободителна пресуда. Жалам што судијката немаше храброст. Нема ниту еден доказ кој би можел да го искористи во полза на оваа одлука. Очигледно продолжува тенденцијата судиите да им се додворуваат на авторитетите и на власта. Јас сум убеден дека оваа пресуда ќе падне на Апелациониот суд , реагираше Бучковски.
Ова е втора првостепена одлука откако Апелациониот суд ја имаше укинато првата и ја врати на ново судење.
Со првата одлука од 2008 година, Владо Бучковски беше казнет со 3 и пол години затвор, исто и Стамболиски, а другите имаа по две и пол години затвор.
Според обвинението, сите се товарат за злоупотреба на службената положба, односно дека при набавките на резервни делови за армиските тенкови Т-55, успеале да го оштетат буџетот за над 2 милиони евра.