Предлогот спортските обложувалници да бидат на оддалеченост од 500 метри од образовни институции невозможно е да спроведе на терен, бидејќи дистанцирањето од една образовна институција едноставно го доближува објектот до друга, реагираат од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) во врска со измените на Законот за игри на среќа.
„Така, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка“, пишува во соопштението на АСОМ.
Според Асоцијацијата, ваквите измени на Законот ќе доведат до затворање на игрите на среќа, негативни социјални ефекти и огромни загуби за државата.
„И натаму тврдиме дека целта на ваквиот предлог не е унапредување на индустријата, заштита на играчите или пак зголемување на приходите во буџетот. Ако приредувачите на игрите на среќа стават клуч на своите објекти, речиси 10.000 директно вработени во индустријата остануваат без работа, а државата останува без повеќе од 250 милиони евра кои по сите основи се слеваат во буџетската каса од игрите на среќа. Но, она што е уште поважно, наместо заштита на малолетници, државата свесно ќе отвори пат на нелегално обложување во импровизирани и скриени објекти, каде практично ќе нема никаква контрола врз играчите“, се наведува во соопштението на АСОМ, во кое се оценува дека законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и правен без соодветни анализи за можните негативни импликации од негово усвојување.
Асоцијацијата додава дека и покрај нејзините и бројните укажувања на другите приредувачи на игрите на среќа, испратените готови анализи и предлози за унапредување на индустријата и носење квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени, предлог измените на Законот за игри на среќа со спорните 500 метри, Министерството за финансии ги достави до Собранието.
„Уште еднаш посочуваме дека овој закон за нас е неприфатлив и ние сме подготвени да ги искористиме сите расположливи средства да спречиме тој да се донесе. Државата мора да биде свесна дека ако усвои ваков скандалозен закон, на улица ќе излезат сите 10.000 вработени во индустријата, но и вработени во други стопански гранки кои директно зависат од нашата работа“, се додава во соопштението на АСОМ.