Во Кривичниот суд Скопје, денеска ќе продолжи судењето против членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, обвинет за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување”, во случајот за Тениско спортско здружение Љуботен Тетово. Тој на првото рочиште за овој предмет изјави дека воопшто не се чуствува виновен и посочи дека станува збор за монтирано обвинение.
Исто така и останатите обвинети Ајдин Нуредини, Џемал Абди, Имран Куртиши, Кренар Ибрахими, Цветко Наумовски и Идриз Реџепи во своите изјави пред Судот се произнесоа дека не се чуствуват за виновни.
Според обвинението, Зоран Теофилоски, како одговорно лице – претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово и Цветко Наумовски како одговорно лице – управител во правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, со умисла ги потикнале обвинетите Ајдин Нуредини како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џемал Абди, Имран Куртиши, Кренар Ибрахими и Идриз Реџепи со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, со умисла да прибават значителна имотна корист за правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари.