Градските власти во Софија од понеделник ќе започнат да прифаќаат апликации од компании, претпријатија и деловни центри, во кои има најмалку 50 лица кои сакаат да ги вакцинираат своите вработени против „Ковид-19“, објави градоначалничката на Софија, Јорданка Фандакова, која најави дека ќе бидат испратени тимови за вакцинација.
Апликацијата ќе биде поставена на веб-страницата на контакт-центарот на градските власти во Софија на 5 јули, која управителите на компаниите ќе можат да ја пополнат.
Викендов, поради високите температури и поголема безбедност за здравјето на медицинските тимови и граѓаните, ќе работат затворени пунктови во неколку од трговските центри во Софија и во одделни области во главниот град.
Градоначалничката на Софија исто така најави дека веќе има упатство од регионалните здравствени власти за вакцинирање деца над 12-годишна возраст. Тие можат да се вакцинираат со вакцината „Фајзер“ од страна на нивните матични лекари или на местата за вакцинација во Софија.
– Вакцините на „Џонсон“ и „Модерна“ ќе им се даваат на лица над 18 години, рече Фандакова.
Општина Софија, заедно со истакнатиот бугарски виролог, проф. Тодор Кантарџиев, организираат кампањи за промовирање на вакцинацијата на вработените во големите општински претпријатија, како и на приватните компании чии активности се клучни за функционирањето на главниот град.
Според градоначалничката Фандакова, единствениот начин да се заштитат луѓето од наглото зголемување на бројот на заразени од октомври е сега да се зголеми процентот на вакцинирани против Ковид-19.