Министерот за здравство, Венко Филипче, не ја пречека најголемата пратка вакцини која пристигна денес во земјава. Двата авиона кои од Кина слетаа со 500.000 дози од вакцината на „Синовак“ ги пречекаа државната секретарка во Министерството за здравство, Иванка Стојаноски и кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо.
„Не ги пречекав вакцините оти, работно, не сум во Скопје“, кусо изјави министерот Филипче за „А1он“.
Тој досега излегуваше да пречекува и пратки кога стигнуваа по само 2.000 дози вакцини, а заедно со премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на снежна виулица во февруари, годинава, организираа пречек на граничниот премин Табановце за вакцините кои ни ги донираше Србија.
На крајот на април, министерот заедно со кинескиот амбасадор ја пречека пратката од 200.000 кинески вакцини од „Синофарм“, па граѓаните изненадени од неговото отсуство денес, на социјалните мрежи му замеруваат, го потсетуваат дека цела делегација излегувала да пречекува вакцини и поставуваат купишта прашања околу ефикасноста и цената на вакцината на „Синовак“ од денешната пратка.
Министерот, пак, преку „Фејсбук“ се заблагодари на Кина и на кинескиот амбасадор и најави дека во текот на следната недела значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на цела држава.
Оваа пратка од 500.000 дози, министерот Филипче, првично најави дека ќе стигне во Македонија на средината на мај. Кога помина средината на мај министерот рече дека ги очекува кинеските вакцини меѓу први и десетти јуни, но и овој рок се развлече до денес.