Во 2020 рекорден број починати во земјава: дневно умирале по 70 луѓе од кои 10 отсто од Ковид-19

Од:

Бројката на починати лица минатата година се зголемила за 26 проценти во однос на 2019 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Според статистиката, минатата година починале 25.775 луѓе,  што значи дека во просек умирале по 70 луѓе дневно. Во 2019 година, бројот на смртни случаи изнесувал 20.446 лица.

Како и во минатите години, според Заводот за статистика, најмногу луѓе, повеќе од 41 проценти, починале како последица на болести на циркулаторниот систем, од неоплазми починале 15.2 проценти, а потоа следат починатите лица како последица од пандемијата на Ковид-19, со 10.9 проценти.

Со 5.8 проценти се застапени случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем, додека починатите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести се застапени со 5.3 проценти од вкупно починатите, а со 3.7 проценти се починатите лица кај кои причина за смрт се болестите на нервниот систем.

Ова е рекордна бројка на починати луѓе во земјава досега, ако се земат предвид досегашните статистики во земјава, почнувајќи од 1995 година.

Она што е евидентно е дека од 1995 година, бројот на починати лица во земјава се повеќе расте, со ретки исклучоци во одредени години. Па така, ако од 1995 година до 2004 година умирале од 15 илјади до 17 илјади лица на годишно ниво, во годините понатаму бројките почнуваат да растат.

Од 2005 до 2019 година бројката на починати лица почнува да се движи од 18 илјади до 20 илјади луѓе на годишно ниво, за веќе во 2020 година, кога во земјава над 155 илјади луѓе се заразија од коронавирусот, бројката да се качи на над 25 илјади починати.

Поголем број од починатите во 2020 година се од машки пол, и тоа 13.914 или 54 проценти.

Најголем број починати имало во месец ноември 2020 година, 3.847 луѓе.

Според Државниот завод за статистика, просечната возраст кај починатите од машки пол изнесува 71,6 години, а кај лицата од женски пол е 75,3 години.

Од почетокот на корона-кризата во март минатата година, според последните податоци од Министерството за здравство, 5.477 лица починаа како последица на Ковид-19.

Би можело да ве интересира

Морталитетот лани намален за 10,1 отсто, повеќето од умрените се мажи

Помалку починати во 2022, најмногу умрени во јануари, жените подлоговечни од мажите за 4,3 години

Ана Ололовска

Негативен природен прираст во првиот квартал од 2023 година

Ана Ололовска

Намален наталитетот, а зголемен морталитетот во третото тримесечје од 2021

Ана Ололовска

Македонија со црни рекорди според смртноста: Во првите шест месеци починале 4 илјади луѓе повеќе за разлика од 2019 и 2020

Мери Јордановска

Природниот прираст негативен – лани 6 724 повеќе умрени од родени

Ана Ололовска