Граѓани и активисти ја преполнија општинската сала на Гази Баба и се спротивставија на планот за изградба на фабрика за преработка на опасен отпад.
Тие велат дека доколку овој план се реализира, тоа ќе биде погубно по здравјето на граѓаните од цело Скопје.
„Вие викате доколку има хаварија ќе има и последици по здравјето на нашето население. Дали сте спремни вие што ќе го потпишете тој договор да одговарате со затворски казни или некој друг начин доколку се случи таа хаварија. Или ќе решиме еднаш да умреме како мажи, па ако треба да излеземе таму пред багери да лежиме, наместо да се труеме како глувци. Јас ви ветувам дека овој пат нема да пројде ништо освен зеленило и спортски центри“, рече Кристијан Узунов, активист од Гази Баба.
Советникот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Трајковски, најави дека на следната седница на Советот, тој ќе предложи референдум за граѓаните на Гази Баба да може директно да одлучат за изградбата на фабриката во нивната општина.
„Уште денеска треба да донесете решение и да ја запрете постапката, постапка не треба да има. Доколку постапката продолжи, седница ќе имаме ние на Советот на 28. Ќе побараме распишување на референдум на локално ниво, референдум на кој граѓаните на гласање ќе кажат дали се да продолжи оваа постапка, дали воопшто да застане тука и се да се поништи“, рече Трајковски.
На јавната расправа присутен беше и градоначалникот Борче Георгиевски. Тој им се заблагодари на граѓаните за нивната заинтересираност и за искажаните ставови.
„Јас овде опстојувам 56 години и свесен сум и за овие млади дечиња кои се денеска присутни, и за цела Железара, за сите починати, за сите којшто секојдневно на белодробните одделенија и во здравствениот дом и на Клиничкиот центар се регистрираат“, рече Георгиевски.
Георгиевски вети дека работата се уште не е завршена и дека претстојат нови дебати по ова прашање. Граѓанската „О2 Иницијатива“ ги повика граѓаните да присуствуваат на јавната расправа организирана од Општина Гази Баба, за планот за изградба на фабрика за преработка на опасен отпад. Тие бараат бришење на намената Е 3.1 и целосно отфрлање на можноста да се третира било каков отпад, како и впишување на други комерцијални содржини кои нема да бидат штетни по животната средина.