По лустрацијата на починатиот писател Славко Јаневски, на својот фејсбук профил реагираше академик Катица Ќулавкова која до лустраторите упати порака дека нема да можат да го девалвираат делото на познатиот писател.
Ќе остане ли некој македонски творец да не е извалкан свесно и злонамаерно? А на државни функции се поставени скорешни команданти на терористички организации и никому ништо. Нив им се доверуваат преговорите за името, пишува Ќулавкова.
Таа упати порака до идеолозите и извршителите на лустрацијата:
Не постои лустрација која може да го девалвира книжевното дело на Славко Јаневски. Престанете да ги деградирате луѓето кои го развиваа македонскиот јазик, духовност и култура.
Доста беше девалвирање на МАНУ и на другите научни и културни институции, по пат на неморално девалвирање на нивните претставници. Нека престане веќе еднаш антимакедонската политика, внатремакедонскиот конфликт, Македонија и македонскиот народ имаат темелни егзистенцијални проблеми, кон тоа свртете се, покажете малку доблест за овој народ кој доживува егзодус од својата држава, за овој македонски јазик кој доживува културоцид во сопствената држава.