Македонската фудбалска репрезентација попладнево загуби од селекцијата на Украина во вториот натпревар на Европското фудбалско првенство. Нашите репрезентативци одиграа храбро, но мечот го започнаа со извесен грч и под притисок на целта – триумфот кој ќе водеше до осминафиналето. Сепак, Украинците покажаа поголема умешност и подобра игра, па на крајот стигнаа до победата.
Избраниците на Игор Ангеловски имаа два гола негатива уште во првото полувреме – по иницијативата на Украинците, Јармоленко во 29 минута и Јаремчук пет минути подоцна беа прецизни, а 0:2 беше резултатот со кој се отиде на одмор.
Во второто полувреме, селекторот Ангеловски направи две замени и во игра ги внесе Чурлинов и Трајковски, а целиот тим влезе во вториот дел порешително, што резултираше со првите посериозни шанси за гол во мрежата на Украина. Во 54 минута, Трајковски стрелаше, а топката заврши во пречката, откако ја зафати и голманот. Во продолжението на акцијата, Караваев го спречи Пандев да стигне до топката, а судијата досуди пенал за Македонија. Ударот од 11 метри на Алиоски најпрвин го одбрани украинскиот голман, но веднаш потоа нашиот репрезентативец успеа да се поправи за 2:1.
Македонија продолжи со нападите, барајќи втор гол, но ризичната стратегија за малку ќе значеше и зголемување на водството на Украина, да не беше нашиот извонреден голман Столе Димитриевски, кој одбрани неколку незгодни удари на Украинците. Димитриевски повторно беше во центарот на вниманието и во 84 минута, кога по прегледувањето на снимките, со помош на ВАР-системот судијата одлучи за удар од белата точка за Украина, а Димитриевски успеа да го одбрани ударот на Малиновски.
Нашата репрезентација со овој пораз, како и со загубениот натпревар против Австрија, е без бодови во групата и своето прво Европско првенство со огромна веројатност ќе го заврши во групната фаза, откако ќе го одигра натпреварот против Холандија во Амстердам.