Дрвена кутија на прозорска ролетна во една висококатница на риечкa Кантридa криела вистинска заедница од околу 40.000 пчели, кои направиле 20 килограми мед, пишува „Нови лист“.
Невообичаениот дом на градските пчели го откри риечкиот пчелар Бранко Видмар на повик на сопственичката на станот, загрижена поради се поголемиот број инсекти во својот дом.
Вредните пчели, укажува риечкиот весник, забележале дека ролетната на прозорецот во една од собите никогаш не е подигната и внимателно ја изградиле својата импозантна заедница.
Искусниот пчелар Видмар уште пред со огромна мака да ја отвори со мед залепената дрвена кутија ролетни, прогнозирал најмалку 20 килограми врвен мед – и погодил.
Видмар објасни дека медот од ролетните е како оној од природата – нема пестициди, а восокот и медот имаат убави бои.
– Според тоа, производот е од врвен квалитет, со лесен вкус и боженствен изглед… Судејќи според вкусот, потекнува од багрем и липа, заклучи пчеларот.