На Машинскиот факултет во Скопје денеска се одржа првата конференција за возила на електричен погон „Електрични возила – нови трендови за мобилност“ во орагнизација на Здружението „Електромобилност Македонија“, а е поддржанa од менаџментот на Машинскиот факултет во Скопје и од МЕПСО А.Д.
На конференцијата на која беше усвоена и прва Декларацијата за е-мобилност, излагања имаа гости од Словенија и Бугарија, претставници од Министерството за економија и МЕПСО, предавачи на Машинскиот факултет, иноватори…
Претседателот на невладината организација „Електромобилност“, Кирил Минанов рече дека поентата не е само во електричното возило туку и трансформацијата на урбаните средини во една целина.
– Aко се подели таа суштина на два дела, електричниот дел би бил инженерски каде што ќе се вклучат факултетите и институтите а вториот дел би ги зафатил антропологијата, урбанизмот, сообраќајот и безбедноста, рече Минанов.
Пред почетокот на конференцијата пред Машинскиот факултет беа презентирани шасија за електромобил избработена од експерти од Машинскиот факултет, електроскутер изработен од иноватори од Битола и електроавтомобил на иноватори од Словенија.
Македонскиот иноватор на електричниот скутер Васил Ацкоски појасни дека скутерот е асинхрон трофазен мотор со инвентор кој еднонасочната струја ја претвора во трофазна. Предноста на скутерот е што нема четкици и магнети и е траен мотор кај кого единствено што може да се расипе се лагерите, Скотерот има 10 киловати -120 волти и 100 ампери струја достигнува брзина од 5 километри на час а со едно полнење може да се поминат дваесетина километри.
Електромобилност Македонија има за цел да иницира интерес во Македонија за електричните возила преку разни форми на делување, промовирање на новите трендови во урбаниот транспорт со електрични возила, одржлив транспорт во Македонија и подигање на свесноста за новите технологии.