Големиот хрватски илустратор Свјетлан Јунаковиќ ќе учествува на 3.Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2021“. Легендата на некогашната југословенска илустраторска школа ќе го сподели своето искуство преку мастерклас вечер (18 часот) на зум-платформата.
Работилницата ќе трае два часа и е наменета за сите студенти, млади илустратори, уметници и сите вљубеници во оваа дејност, кои сакаат да дознаат повеќе за илустрацијата како уметност, но и да научат од богатото искуство на Јунаковиќ.
Свјетлан Јунаковиќ е роден на 23 јануари 1961 година во Загреб. Тој е сликар, скулптор и илустратор, најдобро познат по неговите детски сликовници. Освоил бројни меѓународни награда за неговите илустрации и учестувал на бројни изложби низ Европа. Дипломирал на Академијата „Брера“ во Милано, каде и специјализирал скулптура. Тој е професор на Академијата за применета уметност во Загреб и на Меѓународната школа во Сармеде во Италија.
Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца стартуваше на 3 месецов, со отворање на изложбата на еден од доајените на македонската илустрација Младен Туниќ.