„Бел“, „Ежето Снеже“, „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ и „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ – наградени на „Литера“ 2020

Од:

Сликовницата „Бел“, по текст на Ника Гавровска и илустрации на Ристо Аврамовски ја доби наградата за најдобро илустрираното дело во изминатата година на Меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца „Литера“ од Скопје.

Три награди фестивалот додели за најдобри сликовници или книги за деца, вреднувајќи го текстот во делата. На конкурсот учествуваа триесеттина 30 изданија.

– За најдобра сликовница за предучилишна возраст е прогласена „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ, а илустрации на Иванка Нива, во издание на „Art & Art studio Batev“. Во категоријата литература за деца од 6 до 13 години, за најдобра книга е прогласена „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска (илустрации на Калиопи Трпчева) во издание на „Арс ламина“, а во категоријата книги за млади – наградена е авторката Билјана С.Црвенковска за „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ со илустрации на Нита Муча, како книга-нопак (книга што се чита одзади) издание на „Чудна шума“, соопштија од тимот на „Литера“.

Фестивалот „Литера“ прва година доделува награди за најдобрите изданија. Идејата, како што посочија организаторите, е да се поттикне и да се поддржи литературата и илустрацијата за деца.

За наградата за најдобро илустрирано дело одлучи жирито во состав: Ване Костуранов, Софија Семенпеева-Трајановска и Емилија Ќипроска, кои истакнаа дека како комплетно визуелно решение се издвојува сликовницата „Бел“ на авторката Ника Гавровска и врвните илустрации на Ристо Аврамовски, кој користејќи ладни бои, создал топла атмосфера.

– Аврамовски, на интересен начин си поигрува со светлината, геометриските форми, перспективите и просторот. Ова дело одлично би се прилагодило и во анимирана верзија. Го потенцираме и графичкото уредувае на книгата кое придонесува за комплетирање на визуелното решение на делото, истакнаа од жирито.

За книжевните награди одлучи жирито во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јуруковска и Ангела Трајковска, кои посочија дека се воделе од принципите – дали книгата е соодветна на возраста за која е наменета? Дали книгата го следи времето и дали таа зборува и иницира актуелни (но и потиснати/табуизирани/премолчени) теми? Дали таа и јазично, но и идејно нуди една инвентивност (игривост, привлечно, забавност, интерактивност…)? И дали и во која мера ја практикува дидактичката/ поучната компонента?.

– Посебно ја истакнуваме Едицијата „Светукла“ на Батев („Ежето Снеже“, „Мачето Марко & кучето Дарко“, „Дрво на животот“ и „Куклен театар“), зашто пред се, на едноставен начин ги пренесуваат најважните први лекции во животот на детето. Соодветно на возраста, делува современо и актуелно, блиско до денешните (хипер)активни деца. Сепак, од оваа едиција ја издвојуваме за награда „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ (илустрации на Иванка Ниба) особено заради поентата: „Да се биде различен и посебен е прекрасно!“, наведоа од жирито.

Во категоријата за деца од 6 до 13 години (за деца што веќе читаат сами) посебно се издвои книгата „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска. Делото, како што наведоа од жирито, се гради низ една авантуристичка призма на дружината составена од пет исклучително свои/интересни деца: Змејски Очи, Гризли, Лили, Канџа и Зиги здружени во дружина која во многу нешта наликува на онаа на Петар Пан. Здравиот хумор и поентата токму со смрдливите чорапи на Канџа да се уништи вештерката е скоро блиску до лудизмот на светските класици за деца.

– Во категоријата за млади и и немаше некој голем избор, но веднаш исплива книгата „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ од Билјана С. Црвенковска (илустрации на Нита Муча) како книга-нопак (книга што се чита одзади). Така целиот тој принцип на превртување е присутен на ниво на целата приказна и ги деконструира стеритипите на дихотомијата црно – бело = лошо – добро. Секако во книгата доаѓаат до израз и теми што не се третираат така често и така отворено во нашата културна средина. Таа е пишувана и цртана во духот на светскиот тренд за приказни и филмови со духови, вештерки, чудовишта (но и во духот на познатите Адамсови/ „The Addams Family“) како крајно оригинална, досетлива и инвентивна македонска тинејџерска книга, посочија од жирито.

Во рамките на „Литера“ беше доделена и награда за најдобро дете-автор, која ја обезбеди „Халк банка“. Ваучер од 5000 денари слончето Халки синоќа ѝ врачи на 11-годишната Јана Ѓорѓијевска од Скопје, која учествуваше на нашиот фејсбук-предизвик што организиравме во март. Имено, 30-ина деца од цела земја ни праќаа свои творби инсирирани од илустрации на големиот уметник Димитар Кондовски.

Фестивалот „Литера“ го затвори Софија Семенпеева-Трајановска, која истакна дека со голема љубов и посветеност, и покрај условите во кои се работело, успеале да го реализираме второто издание.

– Веќе се подготвуваме за „Литера 2021“, кој ќе почне на 3 јуни, подготвени за нови предизвици. Ветуваме дека „Литера“ нема да биде само фестивал што ќе трае неколку дена, туку дека и низ целата година ќе имаме содржини не само во Скопје, за да допреме до што повеќе деца и автори, рече Семенпеева-Трајановска.

Организатор на фестивалот е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. „Литера“ го помогнаа: Делегацијата на ЕУ во Скопје, „Халк банка“, Министерството за култура, Град Скопје и печатница „Софија“.

Би можело да ве интересира

Објавен превод на чешкиот роман „Теорија на чудноста“

Ана Ололовска

Онлајн-промоција на книгата „Да се почне одново“ од театрологот и универзитетски професор Драган Клаиќ

Ана Ололовска

Отворен конкурс за традиционалните годишни награди на ДПМ

Ана Ололовска

Објавена книгата „Потпалувачи“ од ирската писателка Јан Карсон

Ана Ололовска

Објавена „Амбиент“ – книга четврта на Зоран Иванов

Ана Ололовска

Литературен конкурс по повод „Вапцарови бранувања“ во Делчево

Ана Ололовска