Ѓоргиевска: Приказните ја обликуваат нашата фантазија, но и нашите вредносни животни јадра

Од:

Приказните ја обликуваат нашата фантазија, но и нашите вредносни животни јадра, а со нивното создавање и споделување секој од нас го креира својот сопствен свет, го дообликува својот животен пат во зависност од раскажувачката матрица на приказната.

Ова го истакна сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска вчеравечер во обраќањето на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ во чии рамки беше отворена изложба на илустрации на доајенот на македонското сликарство, Димитар Кондовски.

Сите, како што рече Ѓоргиевска, уште во најраното детство, сме искусиле дека не постои ништо повеличествено од тоа да се изгубиме во раскажувачките лавиринти кои ни ги нуди книжевноста и оттаму да црпиме знаење и мудрост за она што важело некогаш, во минатото, а што како искуство може да го поттикне нашиот живот во сегашноста.

-Преку раскажаните нешта, низ вековите до современоста, се потврдува и осознава овој свет со сите негови доблести и маани, а благородниот збор кој ги пренесува вистините за различните наличја на животот е најмоќната алатка во искажувањето на сите радости, таги, предизвици и битки кои ги водиме и кои нѐ очекуваат зад секој агол на животната врвица, додаде Ѓоргиевска.

Таа посочи дека преку исполнувањето на повеќедецениската желба на Кондовски за организирање на изложба за деца се вратила во детството, потсетувајќи се на Зоки Поки, Алиса во земјата на чудата, Колибата на чичо Том, Белото циганче и многу други книги коишто, кои како што рече Ѓоргиевска, остануваат во неа како дел од едни прекрасни времиња.

Организатор на настанот којшто се одржа во Националната галерија, објект „Мала станица“, е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“.

На отворањето на фестивалот свои обраќања имаа Софија Семенпеева Трајановска од Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Република Северна Македонија кои говореа за трајните вредности на Кондовски, но и за значењето на фестивалот за севкупната култура на нашата земја.

За време на настанот беше организирана работилница за деца на различна возраст на која се запознаа со делата на Кондовски и создадоа свои приказни инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска