Малиот интерес и малиот број закажани термини е причината еден од центрите за вакцинација на грчкиот остров Самос во следните пет дена привремено да го прекине процесот на имунизација.
Пратеникот од островот од владејачката Нова демократија Христодулос Стефанидис за грчките медиуми објасни дека во конкретниот центар за вакцинација, процесот од 5 до 9 јуни ќе биде одложен, а затворена е и платформата за закажување термин, додека пак редовно ќе продолжи имунизацијата во другиот центар на Самос.
Причината за одложувањето е малиот одѕив на граѓаните, односно од планираните 4.300 вакцинации, биле закажани само 110 термини, а на островот вакцинирани се помалку од 35 отсто од жителите.
Паралелно, како што објавија локалните медиуми од Самос, градоначалниците од островот, преку писмо до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис бараат повторно да биде отворен конкретниот центар, како и да се активира интернет платформата за закажување термин.