Чешкиот Парламент синоќа не изгласа недоверба на Владата откако комунистите не го поддржаа барањето на другите опозициски партии за смена на премиерот Андреј Бабиш, неколку месеци пред општите парламентарни избори.
Двете опозициски коалиции, кои ќе бидат главни конкуренти на партијата на Бабиш, АНО, на изборите во октомври, повикаа на гласање недоверба поради „лошото управување на владата со епидемијата на коронавирусот и за истрага против Бабиш за наводен судир на интереси“.
Сепак, тие не успеаја да го соберат потребното мнозинство од 101 глас во 200-членскиот Долен дом на Парламентот, бидејќи Комунистичката партија со своите 15 пратеници ја напушти седницата и беше воздржана од гласањето. Комунистите ја поддржуваа малцинската влада на Бабиш во текот на целиот мандат, но во април ја повлекоа поддршката поради незадоволството од остриот одговор на владата на шпионската афера со Русија во која двете земји меѓусебно протераа десетици дипломати од амбасадите во Прага и Москва.
„Владата ја нема нашата доверба, но уште помалку ја имаат десничарските (опозициски) партии. Затоа, ние нема да учествуваме во овој бесмислен спектакл”, рече комунистичкиот лидер Војтех Филип за време на дебатата.
За недоверба на Владата гласаа 89 пратеници.
Според анкетите на јавното мислење, АНО на Бабиш заостанува зад либералната коалиција на „Пиратската партија“ и „Партијата на градоначалникот“, а коалицијата на десниот центар СПОЛУ е исто така многу близу. Двете коалиции би можеле, според анкетите, да освојат мало мнозинство во Парламентот доволно за да формираат влада на изборите во октомври.