Софтверот набавен од „Инвока груп“, а за кој ексгенералниот секретар Драги Рашковски е во притвор и осомничен, го закочија и полагањето за управување со чамец. Во пресрет на летната сезона, над 150 лица со месеци чекаат да бидат повикани за да го полагаат теоретскиот дел на Правниот факултет во Скопје. Но, бидејќи нема софтвер за полагање, тие не можат да докажат дека го имаат научено теоретскиот дел, а со тоа, ниту можност за лиценца за управување со чамци.
Од април до сега, двапати им е одлагано полагањето од страна на Капетанија на пристаништата. Како што се претставуваат, група загрижени управувачи на чамци, во допис до „А1он“ велат дека никој не презема ништо за побрзо да се реши овој проблем, а нив тоа ги чини пари.
„Се што е чамец, глисер или јахта во државава, освен што секоја година треба да се регистрира, лицето кое го управува пловниот објект треба да има возачка дозвола односно дозвола за да управува на чамец. На полагањето во април имаше пријавено над 100 кандидати, а тука не припаѓаат само риболовци, туку и претпријатија кои земале концесии да управуваат со риболовни стопанства во цела држава“, се наведува во дописот на управувачите на чамци“.
Капетанот Горан Устијановски од Капетанија на пристаништата, вели дека засега не може да каже кога ќе се одблокира полагањето на испитите. Тој за „А1он“ посочува дека нему му биле побарани информации, кои ги доставил. Сега, тој очекува известување, за да може да даде информации и на заинтересираните кандидати.
„Не станува збор само за нашиот испит, туку за Испитниот центар на државно ниво. Ни беа побарани информации каква е динамиката, претходно искуство, колку кандидати има на годишно ниво. Ги дадовме тие податоци. Кога ќе се започне со испити, не можам да ви кажам“, вели Устијановски, кој појасни дека процедурата е таква за да откако кандидатите ќе положат теорија, можат да полагаат и практичен дел од испитот.
Од Владата досега нема одговор до каде е процедурата за набавка на софтвер за испити. Тие го задолжија Бирото за јавни набавки да спроведе постапка без јавен оглас и да склучи договор со фирма која нуди ваков софтвер.