Министерството за здравство информира дека се приклучи кон мрежата „КомонТруст” (CommonTrust”) и Светски економски форум, во рамки на проектот „Комон проект” (The Commons Project) кои ja создадоа апликацијата „КомонПас” (CommonPass), со цел воспоставување на интероперабилна платформа за взаемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за ковид-19 меѓу државите.Со ‘КомонПас’ и македонските граѓани лесно ќе можат ги преземат резултатите од направениот ковид-19 тест и вакцинална потврда и да го покажат на влез во друга држава.
„Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност. Со ‘КомонПас’ на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот ковид-19 тест и вакцинална потврда и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации”.
За таа цел, во знак на поддршка, Министерството за здравство нагласува дека ќе ги информира сите релевантни структури кои се директно или индиректно инволвирани во областа (Институт за јавно здравје и сертифицирани државни и приватни лаборатории) за намената на оваа апликација и можностите кои таа ги нуди.
Воедно, Министерството за здравство ги охрабрува сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата „CommonTrust” со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на “CommonPass” кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со Кју ар код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда. На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признати како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво.
Министерството за здравтсво ја поздравува иницијативата за примена на апликацијата ‘КомонПас’ во нашата земја. Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените ковид-19 тестови.
Во соопштението се вели дека сите заинтересирани кои сакаат да се вклучат во мрежата на „CommonTrust” ќе имаат техничка и административна поддршка на апликацијата на македонскиот пазар, бидејќи е започната комуникацијата со акредитирани установи кои се заинтересирани да се приклучат кон оваа иницијатива.
Министерството за здравство ги упатува сите заинтересирани граѓани да прочитаат повеќе информации за самата апликација на страницата commonpass.mk.