Речиси седум од десет Грци, односно 67 отсто ќе се вакцинираат против Ковид-19, а 65 проценти сметаат дека вакцините се безбедни, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на пандемијата, во земјата, шест од десет анкетирани оценуваат дека најлошото помина, а исто толку сметаат дека вакцинацијата се одвива со задоволително темпо.
На политичката сцена, Нова демократија е со 13,9 отсто во предност пред СИРИЗА, а актуелниот претседател на грчката Влада Кирјакос Мицотакис, за анкетираните е посоодветен за премиер во споредба со лидерот на опозицијата Алексис Ципрас.
Од странските лидери, најпопуларен во Грција е францускиот претседател Емануел Макрон, а зад него се претседателот на САД Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, било спроведено од 18 до 24 мај 2021 година со анкетирани 1.202 лица.