Американскиот државен секретар Џон Кери им се закани на Кина и на Русија дека ќе има последици во нивните меѓудржавни односи со Вашингтон, оценувајќи го како „разочарувачки“ фактот што поранешниот службеник на ЦИА Едвард Сноуден добил можност да патува од Хонг Конг до Москва.
– Сноуден, чија екстрадиција ја бараат САД поради обвинение за шпионажа, ја предаде својата земја, изјави Кери, кој се наоѓа во посета на Индија.
Сноуден вчера пристигна во Москва од Хонг Конг и побара политички азил во Еквадор.
– Доколку свесно му дозволиле да влезе во авион, тоа би било многу разочарувачко. Тоа несомнено би влијаело на односите и би имало последици, истакна Кери на прес-конференција во ЊуДелхи, одговарајќи на прашањето за улогата на Кина при летот.
На прашањето за улогата на Русија, американскиот државен секретар нагласи дека Русите треба да го почитуваат законот, бидејќи тоа е во интерес на сите.
– Во последните две години екстрадиравме во Русија седум затвореници по нивно барање, затоа сметам дека реципроцитетот и почитувањето на законот се важни, додаде Кери.