Илјадници луѓе, вработени во компании кои имаат канцеларии во една од највисоките кинески згради, денеска панично бегаа откако облакодерот почна да се тресе, без за тоа да има очигледна причина.
Вработените во облакодерот СЕГ Плаза во градот Шенжен, кои мислеле дека е во прашање земјотрес, избезумени бегаа од зградата, која се нишаше и се тресеше неколку минути.
Луѓето кои биле во зградата се брзо евакуирани, а облакодерот е затворен и запечатен по околу половина час, соопштија властите. Паниката се пренела и на минувачите во центарот на Шенжен, кои исто така бегале од непостоечкиот земјотрес.
Солитерот СЕГ Плаза е изграден во 2000 година и во него се наоѓа главната берза за електроника во Кина, како и деловен простор и канцелариите на големи компании.
Кинеските служби за управување со вонредни ситуации истражуваат што била причината за мистериозното тресење.
„Проверките покажаа дека немало земјотрес во градот. Експертите не најдоа ниту пукнатини во земјата околу зградата, а ниту еден дел од фасадата не е оштетен“, соопштија надлежните.