Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзинот косовски колега Бајрам Реџепи денеска на граничниот премин Глобочица на косовска страна потпишаа договор со кој се предвидува отворање на нов меѓународен граничен премин Белановце-Станиќ што од македонска страна се наоѓа во Кумановскиот регион.
– Потпишавме значаен договор за двете држави бидејќи секогаш отворањето на нови гранични премини претставува нов мост за соработка на сите полиња и во сите области. Од посбно знчење за развој на односите помеѓу две држави се добрите односи помеѓу нивните граѓани и соработката помеѓу министерствата за внатрешни работи. Овој договор за отворање на нов меѓународен граничен премин најмногу ќе им биде од корист на граѓаните на двете држави од пограничните области, но и од целата територија и ќе придонесе за поголема мобилност и поголема размена во делот на економијата и секојдневниот живот на граѓаните, рече министерката Јанкулоска по потпишувањето на договорот.
Според неа, потпишувањето на договорот покажува дека постои еднаква посветеност на двете влади граничниот премин целосно да профункционира.
– Не можам точно да кажам кога преминот ќе профункционира, но ова е првиот најважен чекор направен од двете влади и ние ќе останеме посветени за исполнување на сите други неопходни услови за обезбедување на инфраструктурата и услови за работа со цел колку што е можно побрзо преминот да биде ставен во функција и да бидат искористени сите оние придобивки од неговото отворање, рече Јанкуловска.
Косовскиот министер Реџепи истакна дека Глобочица е одбрана за потпишување на договорот за отворање нов граничен премин поради инфраструктурата.
– Врз основа на добрата соработка на нашите две држави и особено меѓу нашите две министерства потпишавме договор за отворање на нов меѓународен граничен премин Белановце- Станчиќ. Оваа идеја е од пооодамна од 2008, 2009 година и на крај ја финализиравме со потпишување на договорот. Финасирањето ќе биде од ЕК и големо значење е што тој ќе биде меѓународен премин од А категорија како основа за слободно движење на луѓето и стоките. Ова е во согласност на начелата на ЕУ за слободно движење, а тоа е добро за граѓаните од таа пограничната зона на кои им требаа повеќе километри да дојдат до постојните гранични премини Јажинце и Елезан. На овој начин се спречува и нелегалното преминување во тој планински предел, изјави Реџепи.
Тој посочи дека слободното движење ќе има и економска компонетата за развојот на местата од двете страни на границата.