Испразнета модуларната болница до Инфективна во Скопје, нема да се користи како вакцинален пункт

Од:

Модуларната болница до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е испразнета. Во февруари, годинава, во неа почна вакцинацијата кај нас, а се вакцинираа здравствените работници, но на почетокот на март, третиот бран на коронавирус, повторно ја наполни со болни, заразени со Ковид – 19. Од Министерството за здравство велат дека таа нема повторно да стане вакцинален пункт.

Од вчера нема пациенти во модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје

„Модуларната болница на КИБФС од вчера нема пацинети. Не е во план истата да се адаптира во вакцинален пункт. Модуларните болници во државата по завршување на пандемијата ќе ги користат болниците за нивни потреби, односно за лекување пациенти“, велат од Министерството за здравство.

Модуларната болница почна да се користи на почетокот на октомври, минатата година во ек на есенскиот бран на коронавирусот. Почна да се празни на крајот на декември, а на почетокот на јануари годинава беше испразнета и затворена, оти останатите болнички капацитети можеа да ги згрижат сите заболени. По најавата дека стигнуваат првите вакцини, министерот за здравство, Венко Филипче, ја пренамени празната модуларна болница во вакцинален пункт се до март кога повторно беше ставена во употреба откако се преполни Инфективната клиника.

Како донација од Швајцарија вредна 200.000 швајцарски франци, модуларната болница пред точно една година, ја изгради компанијата „Брако“ во рамки на подготовките за есенскиот бран на коронавирусот. Беше монтирана за 14 дена, на местото на шаторите кои претходно ги постави војската до Инфективната клиника, но довод на кислород до секое од 72 – те легла беше спроведен подоцна, во текот на летото.

Министерот за здравство, Венко Филипче, при изградбата на болницата најави дека додека трае пандемијата болницата ќе се користи како ковид – центар, а потоа како ургентен центар на Инфективната клиника.

Министерството за здравство утрово соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 12 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 193 лица се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град,  а вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија низ земјава е 467, а има околу 680 празни болнички кревети.

Би можело да ве интересира

Пензионер од кочанско почина од компликации од Западно-нилска треска

Катерина Ѓуровски

Модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје ќе ја користат Затвор Идризово или Министерство за одбрана

Питомци од Воената академија побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Дали е точно дека лица со Ковид на кои им е потребен респиратор не се примаат на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Разрешена директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, на нејзино место назначен Фадил Цана