Жестокиот бран на епидемијата на коронавирусот кој ја зафати Индија, деновиве почнува да се прелева во соседниот Непал, а хималајската држава со триесет милиони жители, според експертите, е целосно неподготвена.
Според д-р Ракшија Пандеј, пулмолог во болница во Катманду, низ долгите смени таа често размислува каде ќе ја сместат доколку и самата се зарази.
Во земјата веќе едвај и да има слободни кревети во болниците, а без грижа остануваат дури и лекарите и нивните семејства. Во болниците нема кислород, а луѓето бараат пари и услови за лекување преку повици на социјалните мрежи.
Во двете недели пред 1 мај, Непал бележи вртоглав раст на бројот на активни случаи на Ковид-19, кој е зголемен за 668%. На 1 мај, позитивни биле дури 44 отсто од направените тестови во земјата.
Властите уверуваат дека епидемијата е под контрола, но доказите за спротивното се на секој чекор низ главниот град. Според лекарите, во Непал ќе бидат потребни околу 10.000 респиратори до 24 мај, а во земјата сега има само 600 вакви машини, клучни за третманот на тешките случаи на Ковид-19.
„Обучена сум да не спијам 48 часа, но не сум обучена да враќам луѓе без да им пружам помош. Исто така, сигурни сме дека ќе биде и полошо“, вели д-р Пандеј.
Таа вели дека земјата е соочена со катастрофа во следните недели, откако властите не спровеле строги рестриктивни мерки, а многу луѓе минатиот месец патувале во Индија за тамошните верски фестивали, кои се потврдија како најважните жаришта кои го предизвикаа актуелниот, страотен бран на епидемијата во Индија.