Вакцинираните граѓани кои се имунизираа во Србија, добиваат пораки преку системот „Мој термин“ да се јават на вакцинација и во Македонија. Ова е последица на неажурираната база во „Мој термин“, каде граѓаните не се заведени како веќе вакцинирани, иако има и такви кои примиле и две дози од вакцините. Додека системот ги генерира лицата кои се вакцинирани во странство, другите граѓани, чекаат термини. Матичните доктори, немаат можност да ги тргнат од листата, бидејќи системот не нуди таква опција.
Постојат неколку примери, каде граѓани и јавно објавија дека прва доза на вакцина примиле уште пред скоро два месеци во Србија, а сега ги викаат на вакцина и тука, затоа што претходно, биле пријавени преку сајтот „вакцинација.мк“. Меѓу нив, има и такви кои за да не патуваат во Србија и да се ревакцинираат со „Астра зенека“, размислуваат да се јават на терминот кои го добиле по порака, и во Македонија да примат втора доза од вакцината, но од производителот „Синофарм“.
„На 20 март се вакцинирав со ‘Астра зенека’ во Ниш, преку Стопанска комора. Ревакцинацијата е закажана за 20 јуни. Денес добив покана за вакцинирање преку вакцинација.мк. Претпоставувам со Синофарм. Ги молам професорите за совет, дали да си чекам за со ‘Астра зенека’?“, прашува граѓанин кој е вакциниран во Србија.
„А1он“ провери и во системот „Мој термин“ на матичните доктори. И таму, граѓаните кои се пријавиле за вакцинација преку сајтот ‘вакцинација.мк’, а во меѓувреме се вакцинирале во Србија, стојат обележани со тн. „зелено квадратче“, што значи дека чекаат термин. Во меѓувреме, дел од нив, имаат примено и втора доза од вакцината.
Друга група на граѓани се вакцинирани и преку амбасадите во Македонија. Вработени во овие претставништва, се имунизирани уште пред повеќе од еден месец, за што некои од нив ги имаат известено и своите матични доктори. Но, и тие се уште имаат можност да примат вакцина и во некој од вакциналните пунктови бидејќи во системот „Мој термин“, се означени како неимунизирани.
Матичните доктори со кои исконтактира „А1он“ велат дека имаат можност да ги тргнат од списоците само ако пишат дека лицето одбива да се вакцинира или има контраинидикација. Но, тие немаат можност во системот да внесат дека нивниот пациент е веќе вакциниран со една или две дози во странство.
Термините кои се доделени на граѓаните, а не се искористени од нив – пропаѓаат бидејќи тие не се појавуваат, а истите не се откажани. Во дел од вакциналните пунктови низ Македонија, во изминатиот период, се примаа и граѓани без термин, а кои ги исполнуваат условите како што е старосната граница, за да примат вакцина против коронавирус на местото од лицата кои не се појавуваа.