Владата на Република Македонија во текот на утрешниот ден преку Агенцијата за вработување ќе распише јавен повик за обезбедување многу поволни кредити наменети за микро и мали претпријатија, со цел отворање нови работни места.
За оваа мерка, заедно со претходно објавената мерка за кредитирање за самовработување на невработени лица, како дел од владините мерки за намалување на невработеноста, вкупно во оперативен план се предвидени пет милиони евра на годишно ниво.
Како што информираше портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, доколку постои голем интерес за поголем број вработувања што би го надминал овој лимит, Владата ќе го зголеми финансискиот план, се во интерес на граѓаните.
Секое ново работно место ќе биде во можност да биде финансирано со по три илјади евра, а најмногу ќе може да се финансираат три нови работни места односно максималниот лимит на средства што ќе може да се добие е девет илјади евра. Периодот на враќање на средствата, нагласи владиниот портпарол, е три години со една година грејс период, со каматна стапка само 1 процент, што е најниска во регионот.
Огласот што ќе биде отворен утре, ќе трае во наредните десет работни дена односно во период од две недели, кога сите микро и мали претпријатија ќе можат да аплицираат и да ги добијат предвидените средства.
Право на учество имаат микро претпријатија кои имаат до 10 вработени и мали претпријатија кои имаа до 40 вработени, но мора да бидат регистрирани во период најмалку од една година, да имаат најмалку двајца вработени во период од три месеци и во изминатите шест месеци да го немаат намалено бројот на вработените.