Охрид за продолжениот викенд по повод велигденските и првомајските празници барем малку наликува на туристички центар. Има раздвиженост низ градот, на Кејот на Охридското Езеро, на плоштадите, а има и гости по терасите на кафеаните.
Споредбено со некои подобри времиња пред епидемијата ова е далеку послаба посетеност, но ако се земе генерално ситуацијата особено изминатите зимски месеци, секое придвижување луѓе низ градот влева оптимизам кај угостителите и хотелиерите на каков таков промет.
Како и пред појавата на коронавирусот во Охрид и сега најмногу домашни гости, во најголем дел оние кои имаат свои станови и викендички. Но и оваа како и минатата година за празниците ги нема гостите од соседните држави – Грција, Бугарија, Албанија. Има мал број гости од соседна Србија и ретко странци од други држави, сите пристигнати тука во приватна режија. Организирана посета на Охрид нема, барем тоа засега во кажуваат самите хотелиери кои велат дека немаат ниту една резервација. Исклучок има кај некои помали хотели или индивидуални сместувачки капацитети со најави за посета преку интернет-резервации.
Ситуацијата е далеку од посакуваното, постои одреден оптимизам дека посетеноста ќе биде подобра од минатогодишната, но тоа се уште е непознаница оттаму што ситуацијата се менува секојдневно. Зависно состојбите на терен со коронавирусот така и државите носат свои рестриктивни мерки, што не дозволува планирање патувања и го стеснува просторот за закуп капацитети за туристички аранжмани. За престојниот летен период од охридскиот аеродром каде моментални има само две авиолинии, од крајот на јуни се очекуваат 13 редовни дестинации и шест сезонски чартер летови.
Туристичките експерти сметаат дека мошне е важно како ќе се спроведува процесот на имунизација на населението и како ќе се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, за земјата да се најде на листата безбедни дестинации и така да се очекува каква-таква посетеност.