Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, вели дека не го поддржува ненајавениот бојкот на средношколи од неколку скопски средни училишта за кој слушнал дури утрово.
Ходаи смета дека во овој момент нема потреба за бојкот на наставата бидејќи дигитализацијата ќе се прави етапно, и во овој момент не ги засегнува средношколците.
Според неговите информации, наставата ја бојкотираат учениците од само неколку средни училишта во Скопје и Штип.
„Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците“, велат од Сојузот на средношколци.
Од Министерството за образование велат дека дигитализацијата не смее да биде причина за бојкот на наставата.
„По објавувањето на информации во дел од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел до нив и до нивните семејства, да продолжат да учествуваат во воспитно – образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес. Во спротивно, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува“, велат од МОН.