Неколку десетици демонстранти денеска протестираа пред Конзулатот на САД во Истанбул поради изјавата на американскиот претседател Џо Бајден во која масовните депортации и убиства на Ерменците во Отоманската империја од пред еден век ги нарече геноцид.
Демонстрантите носеа транспаренти и скандираа „Геноцидот е лага, тоа е американски план“.
Демонстрантите побараа затворање на базата на американските воздухопловни сили Инџирлик во јужна Турција, извикувајќи „американски војници, бегајте од Турција!“
Бајден во саботата соопшти дека масакрот во кој загинаа 1,5 милиона Ерменци за време на Отоманската империја во 1915 година е геноцид.
Изјавата веднаш беше осудена од турските власти, кои тврдат дека нема законски или историски основи за употреба на зборот геноцид. Тие посочија дека и Турците и Ерменците биле убиени за време на војната.