По повод роденденот на Неговото Височество Кралот Вилем Александар – Денот на Кралот, Амбасадата на Кралството Холандија обезбеди симболичен подарок за Итната медицинска помош, Геронтолошкиот завод и основното училиште „Св. Кирил и Методиј“.
Како што соопштија од Холандската амбасада, повеќе од 1500 лалиња и 600 книги од холандски автори преведени на македонски и албански јазик беа доставени до здравствените работници, старите лица, наставниците и учениците во овие три јавни институции.
-Поради пандемијата со Ковид-19 не бевме во можност да го одбележиме Денот на Кралот оваа година. Наместо тоа, би сакале да покажеме длабока благодарност до здравствените работници и наставниците за извонредниот напор што го вложуваат во овие исклучителни околности. Се надевам дека нашите холандски лалиња барем малку ќе го разубават нивниот ден, изјави вршителот на должност амбасадор Роберт Декер, кој ги предаде подароците на директорката на Итната медицинска помош д-р. Милица Бубало, директорката на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ д-р. Салија Љатиф Петрушовска и директорката на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ Соња Кирковска.
Денот на Кралот во Холандија се прославува со многу улични забави, детски игри и пазари на отворено, а Кралот и неговото семејство секоја година патуваат на различно место во Холандија за да го прослават празникот со локалното население.
Оваа година, сите чествувања на Денот на Кралот беа откажани поради Ковид-19, а кралот ќе го прослави својот роденден онлајн од Техничкиот кампус во Анјдховен, холандскиот град на дизајнот, се наведува во соопштението.