Ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими денеска ги отпушти клучните здравствени службеници поради пожарот во болницата „Ибн ал-Хатиб“ во Багдад, во кој досега загинаа 82, а повредени се над 110 лица, јавија американските медиуми.
Ал-Кадими оцени дека пожарот е предизвикан од небрежност и од тие причини го отпушти генералниот директор на Одделот за здравство во областа ал-Русаф, каде се наоѓа болницата, директорот на болницата „Ибн ал-Хатиб“ и шефот за технологија и одржување, се навеува во соопштението на Министерството за здравство и од кабинетот на премиерот.
По избувнувањето на пожарот, премиерот одржа итен состанок во седиштето на Оперативната команда во Багдад, која ги координира ирачките безбедносни сили, се наведува во соопштението на неговиот профил на Твитер.
-Небрежноста во вакви работи не е грешка, туку злосторство за кое сите несосвесни страни мораат да сносат одговорност, рече Кадими и им нареди на ирачките власти да ги објават резултатите од истрагата во рок од 24 часа.
Според сведочењето на лекарот од местото на настанот, шише со кислород експлодирало синоќа на вториот кат од болницата и предизвикало пожар што брзо се проширил.
Пожарникарите го гаснеле пламенот до раните утрински часови, а Брзата помош пренела десетици повредени во други болници.