Почесниот претседател на Англискиот фудбалски сојуз (ФА), британскиот принц Вилијам, денеска го критикуваше формирањето на европската Супер лига, нагласувајќи оти ја дели загриженоста на навивачите поради идејата за новото клупско натпреварување во кое пристап ќе имаат само големи и богати клубови.
-Сега, повеќе од кога и да е, мораме да ја заштитиме целата фудбалска заедница, од најниско до највисоко ниво – и вредностите на натпреварувањата и правичноста во својата срж, напиша на Твитер војводата од Кембриџ, кој воедно е и претседател на Фудбалската федерација на Англија
-Ја делам загриженоста на навивачите поради предложената Супер лига и штетите кои ризикува да и ги нанесе на играта што ја сакаме, додаде принцот Вилијам.
Противењето кон Суперлигата го споделува и италијанскиот премиер Марио Драги, кој изрази поддршка за Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) која жестоко се противи на формирањето на новото елитно натпреварување и се заканува дека ќе ги исфрли клубовите кои најавија учество во новата лига од својата Лига на шампиони.
-Владата внимателно ја следи дебатата околу проектот „Супер лига“ и ја поддржува позицијата на италијанските и европските фудбалски власти во насока на заштита на националните натпреварувања, вредностите и социјалната димензија на спортот, соопшти кабинетот на Драги.
Италијанските фудбалски прволигаши Интер, Јувентус и Милан се меѓу 12-те клубови кои стојат зад Супер лигата, што според најавите ќе стартува во август.
Поддршка на УЕФА претходно денеска изрази и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Мнозинството фудбалски навивачи во Шпанија се изјаснија против формирањето Супер лига на најбогатите европски екипи, покажуваат неколку анкети објавени денеска.
Околу 59 отсто од читателите на спортскиот весник „Марка“ се изјаснија против, додека 41 отсто гласаа во корист на формирањето таква лига, покажува интернет анкетата во која досега гласаа 135.393 читатели.
Во анкетата што радиото „Антена 3“ ја објави на својата интернет страница, против т.н Супер лига се изјаснија 71 отсто, додека 29 проценти гласаа „за“ новиот проект.
И весникот „АС“ објави анкета на својот официјален сајт, при што, 55 отсто од читателите гласаа против, а поддршка на новата лига изразија 44 отсто. Во анкетата досега се собрани 6.420 гласови.
Резултатите од трите анкети се спротивни на тоа што избраниот претседател на Супер лигата и прв човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, го изјави доцна синоќа при обелоденувањето на новото клупско натпреварување.
-Фудбалот е единствениот глобален спорт со повеќе од четири милијарди гледачи и затоа наша одговорност, како големи клубови, е да одговориме на желбите на навивачите, изјави Перез, во најавата за формирањето Супер лига во која би учествувале 20 екипи.