На летната сцена во хотелот „Бисер“ во Струга синоќа почна првото издание на интернационалниот танцов фестивал „Икс денс“, во организација на Естрада мултимедија центар.
Фестивалот, кој ќе трае до среда е посветен на танцот во сите форми класичен балет, естрадни танци, фолклор и народно оро – сценски танци.
Директорот на фестивалот Марјан Катароски истакна дека „Икс денс“ е меѓународен натпревар по кореографија.
– Наша цел е овој фестивал да прерасне во најголем танцов настап на овие простори, каде ќе учествуваат танцови ансамбли од целиот свет, рече Катароски.
Учество, според него, ќе земат млади талентирани уметници од повеќе држави, меѓу кои најбројни се танчерите од Русија, Казахстан и Македонија. На публиката ќе и прикажаат повеќе атрактивни танцови точки
Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ денеска ќе се одржат натпревари во повеќе танцови дисциплини и категории, а учесниците ќе ги оценува реномирано меѓународно жири
Доделувањето на награди ќе биде утре, по што следи Гала концерт на кој ќе настапат најдобрите учесници, а претходно ќе се одржи мастер клас по индиски танци и танго.