Гледај.мк, во соработка со Europe House Skopje, организира две викенд работилници за филмска критика, на 17 и 18 април и на 15 и 16 мај годинава.
-Освен учество на двете дводневни викенд работилници во април и мај, младите рецензенти континуирано ќе се охрабруваат да ги развиваат своите вештини за креативно пишување и критичко мислење преку работа и објава на најмалку две филмски рецензии помеѓу двете викенд работилници. По завршувањето на работилниците, сите учесници ќе добијат можност за дополнително менторирање и редовно објавување на рецензиите на gledaj.mkc.mk и во партнерските медиуми, соопштија од тимот на Гледај.мк.
Работилниците се наменети за млади луѓе (помеѓу 16 и 29 години) кои живеат/престојуваат во Скопје. Сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите за учество на работилниците може да се пријават преку пополнување на формуларот на овој линк: https://forms.gle/
Крајниот рок за пријавување на повикот е 9-ти април (петок), 23:59 часот. Логистички детали за одржувањето на работилниците, како и детална агенда, ќе бидат споделени со избраните учесници на работилниците во вторник (13-ти април).
Од Гледај.мк информираат дека работилниците ќе се одвиваат под водство на менторите Васко Маглешов и Јована Ѓорѓиовска. Ќе се одвиваат во согласност со сите протоколи за заштита од Ковид-19, во просториите на Europe House Skopje и/или во хибриден формат преку дигитални алатки за комуникација, во зависност од епидемиолошката состојба.
Гледај.мк е неформален колектив за филмска и театарска критика кој веќе три години активно поддржува млади рецензенти кои континуирано се едуцираат за културата и аргументирано се изразуваат за остварувањата кои ги гледаат. За сите посетени настани, рецензентите редовно објавуваат рецензии охрабрувајќи ја дискусијата помеѓу уметниците како создаватели на делата и публиката како нивен активен и информиран гледач.