Италијанската Влада дозволи враќање на фудбалските навивачи на Олимпискиот стадион во Рим за претстојните натпревари на Европското првенство (ЕП), соопшти денеска Фудбалската федерација на Италија (FICG).
Меѓутоа, засега не е познато процентуално колку навивачи ќе можат да влезат на Олимпискиот стадион со капацитет од 70.000 седишта.
-Министерот за здравство Роберто Сперанца ни рече дека владините советници ќе ги изберат најдобрите решенија што ќе овозможат присуство на јавноста на Олимпискиот стадион во Рим во јуни по повод ЕП, изјави претседателот на FICG Габриеле Гравина.
-Подготвеноста што ја покажа италијанската Влада е одличен резултат, кој е добар не само за фудбалот, туку и за целата земја, додаде Гравина.
Италијанската престолнина ќе биде домаќин на воведниот натпревар на ЕП меѓу Италија и Турција на 11 јуни, а на Олимпискиот стадион во Рим ќе се одиграат уште два натпревари од групата А, како и еден четвртфинален натпревар.