Во Спортскиот центар А1 Арена „Борис Трајковски“ денеска продолжува масовната имунизација на населението против Ковид-19. Околу три илјади лица вчера ја примија вакцината „Спутник V“.
Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други.
На терен работи тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат.
Процесот на имунизација против коронавирусот во земјава почна 16. февруари со вакцинирање на здравствените работници.
Во државава досега пристигнаа 78.000 вакцини, од кои 48.000 се донација од српската влада.