Легендарната македонска актерка Милица Стојанова денеска ја прими вакцината против Ковид-19, објавувајќи притоа на Фејсбук порака до граѓаните.
„Поминав една војна, онаа Втората светска… Го искусив татнежот и плачот на земјотресот… Видов разни страдања, искушенија, поединечни и заеднички… Но, ова не сакам на зајдисонцето од својот живот пасивно да го гледам… Не сакам да гледам уште една војна со невидливото. Не сакам да гледам тажни, изолирани луѓе кои мораат да зминат од овој свет сами, без своите околу нив… Светот мора да го одблокираме. Мораме повторно да бидеме заедно и спремни да создаваме нови убави нешта. Јас сакам се’ уште да се радувам во заедница, а не да самувам,“ напиша 88-годишната Стојанова.
Таа ги повикува граѓаните да бидат одговорни и да се вакцинираат, бидејќи таа не гледа друго чаре и за себе и за оние околу нејзе.
„И да не бидеме себични. Конечно да покажеме разум и солидарност какви што покажуваат овие прекрасни здравствени работници кои денес беа со мене, а секојдневно се обидуваат да спасат стотици и илјадници животи. Да покажеме доблест барем кон нив. Да покажеме доблест кон животот и кон секој еден во заедницата, затоа што грижејќи се за себе се грижиме за другиот,“ вели актерката, со чии изведби растеа генерации.