Вкупно 1.847.000 вакцинации се спроведени досега во Грција, од кои 1,2 милиони граѓани, односно 11,56 отсто ја примиле првата доза, а 663.000 Грци или 6,31 отсто се целосно имунизирани со двете дози, соопшти попладнево генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на редовната прес конференција за процесот на имунизација во земјата.
Темистоклеус презентираше и податоци за целиот процес, објасни дека најголемиот број од вакцинираните се со вакцината на Фајзер (1.395.929 дози), а потоа следат вакцините на АстраЗенека (346.886) и Модерна (128.651 дози), а овој распоред е согласно пратките и количините што ги добива Грција.
Во периодот од 27 март до 3 април, на закажаните термини за вакцинација, дневно дошле 97 отсто од граѓаните што имале закажано вакцинација со Фајзер и Модерна и 94 проценти со АстраЗенека, додека пак откажувањата за првите две вакцини е околу еден отсто, а за АстраЗенека е до три проценти.
Процесот на имунизација со вакцината на АстраЗенека, во Грција се одвива регуларно за сите возрасни групи, без ограничувања, а претседателката на Националната комисија за вакцинација на Грција Мариа Теодориду, за случаите на тромбоза рече дека од 346.000 дози од оваа вакцина во земјата, до Националната организација за лекови бил пријавен само еден случај, што се третира како можно несакано дејство од вакцината.
Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 1.866 нови случаи на Ковид-19, починаа 73 лица, а зголемен е бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, вкупно 759 лица.