„Ние четворицата околу 5 часа на раце го носевме пациентот по козји патеки, низ екстремно стрмен предел и шума, наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја помине пеш“, е дел од голготата која ја раскажува Павле Зафиров кој по телефонскиот повик за помош, се упатил кон местото каде што било пријавено дека со часови е завеан човек.
„Пред неколку дена, добив повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во кратовската општина. Околу девет часот утрото заедно со медицински техничар и шофер, придружувани од сестрата, внукот и кумот на внукот на лицето, се упативме во планината. По поминати околу три-четириесетина километри возилата ни заглавија во снег по што моравме да продолжиме пеш. После повеќе од час и половина одење низ екстремно стрмниот и непристапен терен, бидејќи патот до куќата не беше прооден, стигнавме до имотот на лицето“, раскажува Павле Зафиров.
Тој вели дека затекнале трогателна ситуација.
„Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото во кое одгледува значителен број овци кои во овој период од годината се јагнат и мораат да бидат проверувани секоја вечер. За некое чудо, лицето после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше се уште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето“, раскажува Зафиров.
Лицето го нашла неговата 90 годишна мајка која немајќи сила да го крене поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее, за да во утринските часови, иако не знае да ракува на телефон, успеала да се јави на сопствената ќерка и да побара помош.
„Го внесовме во куќата и му пруживме прва помош, но како што секогаш бива, една несреќа не оди сама. Сфатив дека ситуацијата е многу посериозна (иако и самото измрзнување е сериозна состојба која најчесто бара хоспитализација) и дека човекот очигледно има и некоја друга состојба која треба да се испита во болнички услови“, сведочи Зафиров.
Од тука почнала нивната вистинска голгота.
„Поради непристапноста на теренот немавме можност (барем тогаш така мислев) да го однесеме човекот до нашиот џип. Решивме да се обратиме за помош кај сите институции во нашата општина. И замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од ЗД Кратово се јавувале и во полициската станица но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не не удостоија ни да ни кренат слушалка“, тврди Зафиров.
Зафиров тогаш ги прашал неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесат човекот до возилото, целосно свесни за ризикот во кој ќе биде ставен самиот тој и за одговорноста која ја презема.
„Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег. Роднините најдоа колци и ќебиња од кои со свои раце зашивме носила, го замотавме во јамболии човекот и го поставивме на носилата и додатно го обезбедивме шиејќи ги однадвор ќебињата“, раскажува тој.
Отакако тие четворицата околу 5 часа на раце го носеле пациентот по козји патеки, низ екстремно стрмен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја помине пеш, накај 19 часот успеале да стигнеме до возилата и околу 20 часот да го транспортираат пациентот во ЗД во Пробиштип каде дежурната екипа без збор и прашање го презела пациентот и го однесе во Штип.
„Доживеав 90-годишна мајка низ солзи и лелеци да не моли да го спасиме нејзиниот син носејќи го на грб по истите козји патеки по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син и. Апсурдно, нели?“, вели Зафиров.
Тој јавно ги повикува одговорните институции да понесат одговорност за овој настан.
„Човечкиот живот за некои од нас нема цена, а за некои не вреди воопшто“, пишува на крајот Зафиров.