Нигериските воено-воздухопловни сили денеска го отфрлија тврдењето на џихадистичката група Боко Харам дека нивните припадници им собориле воен авион, што исчезнал пред неколку дена, пренесе ДПА.
Авионот „Алфа“ во средата се изгуби од радарската контрола, за време на мисија за поддршка на армиските сили ангажирани во борбата со џихадистите во североисточната држава Борно.
Воено-воздухопловните сили соопштија дека веруваат дека авионот, со двајца членови на екипажот, можно е да се урнал.
Боко Харам вчера објави видео во кое џихадист стои на местото каде групата тврди дека се наоѓаат остатоците од авионот бр. 475 на воено-воздухопловните сили на Нигерија.
„Очигледно, сектата Боко Харам, во својот карактеристичен начин на користење лажна пропаганда, се обидува да тврди дека е нејзин успех очигледниот воздушен инцидент“, се вели во соопштението на воен-воздухопловните сили.
Според нив, се уште се води истрагата за тоа како авион се урнал.
Војската вчера соопшти дека се уште не се знае каде се наоѓаат двајцата нејзини пилоти.