Во Албанија денеска почна вакцинацијата на полициските службеници и припадниците на Националната гарда.
Во стадионот „Air Albania“ каде се одвива имунизацијата за Тирана, одблиску истата ја следеа премиерот Еди Рама, министерката за здравство Огерта Манастирлиу и генералниот директор на полицијата, Арди Велиу.
Вакцинацијата на полицајците е во тек и на целата територија на земјата, кои ја добиваат првата доза од кинеската вакцина Синовак.
-Национална арена – започнува вакцинирањето на сините униформи низ цела Албанија. Прочитав напис во „Њујорк Тајмс“ во кој се наведува дека вакцината Синовак е прва во ефикасноста, напиша Рама на социјалните мрежи.
Треба да бидат опфатени 11.800 полициски службеници и 1.300 припадници на Националната гарда.
Вчера попладне почна вакцинацијата на новинарите и другите медиумски работници а продолжува секој ден по 15 часот. Продолжува и имунизацијата на повозрасната категорија граѓани од 70 години.
Според министерката Манастирлиу, вчера вакцинирани се 17.023 а од 11 јануари кога почна овој процес 172.486 лица, од нив 100.000 постари лица.