Од кабинетот на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски реагираат на прес-конференцијата на советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров.
Безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ, велат, се гледа и со денешната прес-конференција на советникот Томислав Лазаров. Тој само го повтори она што го говореа и на седницата за ребалансот на буџетот.
Во соопштението потсетуваат дека во минатиот мандат градоначалникот Тодоровиќ ја зголеми бројката за 70 вработени, односно од 65 на 135. И тоа на блиски роднини и партиски луѓе. Во општината се примало се, велат, замислете и двајца нуркачи. Има вработени, „заслужни“ партиски кадри кои само фигурирале на платниот список, а не се појавувале на работа.
Градоначалникот Андреј Жерновски, вели дека нема да го зголеми бројот на вработени во општинската администрација двојно повеќе како претходникот.
„Доаѓам после 13 години власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело на општината. Јас не можам да туркам тоа што јас го планирам со луѓе кои шират друга политичка агенда, агенда на која жителите на Центар не и дадоа доверба. Логично е што сум донел луѓе со кои сакам да работам. Советникот Лазаров, требал да види прво што се случува во другите општини каде раководи ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа што го прави централната власт и колку има вработено исклучиво партиски кадри“, вели Жерновски.
Што се однесува до пренасочување на средства, како што вели Лазаров, посочува, ова е уште еден обид за манипулација, како она за црквата.
„Но, нели вистината е како шило, па испливува на површина. Како што излезе вистината за црквата, така е и за лагите за градинката и училиштето. За градинката во Капиштец, е изработен проект и се чека уште на ревизија за да почнат градежните активности.
– За училиштето, пак, првин треба ќе се изработи идејно решение, кое ќе биде избрано на меѓународен конкурс од страна на комисија и потоа ќе започнат работите за изградба. Не очекува сигурно никој за еден месец да биде изградено училиштето. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе го направиме она што го ветивме. Во нивната програма беше изградба на градинка и училиште, но за 4 години не го реализираа“, вели Жерновски.