Дебитантските долгометражни филмови на режисерот Ѓорѓи Унковски за проектот „ДЈ Ахмет“ и на Марко Ѓоковиќ за „Потстанар“ ќе добијат финансиска поддршка од Агенцијата за филм, информираше денеска директорот Бојан Лазаревски.
Лазаревски на брифингот со новинарите информираше дека на последниот конкурс аплицирале 51 проекти, од кои 33 долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 18 краткометражни (играни, документарни и анимирани).
-Поддршка за реализација на мнозински долгометражни филмови добија режисерот Ѓорги Унковски за проектот „ДЈ Ахмет“ во продукција на „Футура синема“ и Марко Ѓоковиќ за „Потстанар“ во продукција на „Сектор филм, рече Лазаревски.
Ќе се снимаат и девет краткометражни играни филмови и три документарни филмови со македонски мнозински удел како и учество во три малцински проекти.
Вкупниот буџет за реализација на овие проекти изнесува 75.700.000,00 денари.
Резултатите се од конкурсот објавен во август минатата година, кој беше пролонгиран поради тоа што Агенцијата немаше прв човек.
-Агенцијата за филм на РСМ ја продолжува стратегијата за поддршка на млади автори чии проекти имаат потенцијал за успешна промоција на фестивалите. Двата долгометражни филмови се разликуваат жанровски и се надеваме дека авторите ќе покажат препознатлив режисерски јазик, рече Лазаревски.
На овој конкурс се одлучуваше и за поддршка на домашните филмските фестивали и ќе бидат реализирани 20 фестивали меѓу кои се: ИФФК „Браќа Манаки“, „ЕХО Фестивал на планински филм“, „Синедејс“, „ОДА Тетова итернатионал филм фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“, „47 Државен фестивал на непрофесионален филм“, „Џифони Македонија“, „Македокс“, „Златно тркало“ и други.
До крајот на месецов завршува рокот за аплицирање на мартовскиот конкурс за поддршка на проекти.