Државата да не ги раскинува договорите за закуп на земјиштето, апелира Независниот синдикат на земјоделци

Од:

Државата да не ги раскинува договорите за закуп на земјоделско земјиште, апелира Независниот синдикат на земјоделци и сточари. Синдикатот бара итна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа посебно во однос на договорите во Свети Николско и Овче Поле. Доколку тоа не се случи, предупреди дека ќе организира протести.

Како што рече денеска претседателот на Федерацијата на земјоделски синдикати, Никола Шалев, на 450 земјоделци им е одземено правото на користење државно земјиште кое претходно им било дадено на повеќегодишна концесија. Со ваквиот потег, напомена Шалев, државата поттикнува создавање социјални случаи и нов бран на одлевање млади луѓе од земјата.

-Земјоделците веќе се плашат. Добивме решенија за раскинување на договорите и за враќање на земјиштето кое е под наше владение. Тоа подразбира дека власта или дел од власта нема друга опција, ниту надеж да го унапредува земјоделството. Со добиените пари од Европа за наводно подигнување паркови за алтернативна енергија ни ги растураат договорите за да може да ја продаваат земјата. Нашето барање е да се сторнираат сите т.н. решенија за враќање на владението. Имаме свои обврски пред банките, земавме кредити, како да ги исплатиме закупнините. Лично, мојата семејна фирма „Био агромаркет“ побарува околу 7.000 евра, а должи околу 1.500 евра. Дајте ми ја разликата, направете преотстапување на тие средства, изјави Шалев пред Министерството за земјоделство.

Во неговото семејство седум генерации се занимавале со земјоделство и тоа, рече, е само еден пример во Овчеполието. Луѓето таму, дополни, од тоа живеат.

-Затоа е недозволиво земјиштето да се одзема, а ако се продава, ќе мора државата и мене да ме продаде. Таа земја е наша, не може и не смее да биде туѓа. Точно е, имаме обврска по основ на закупнини. Но, нашата обврска е помала од побарувањето, потенцира Шалев.

Тој информира дека во Овче Поле првпат е организирана „земјоделска фела“. Отворена е школа за неформално образование на земјоделците.

-Општина Свети Николе ја поделивме на седум земјоделско-производствени микро реони. Секој реон обединува одреден број села. Имаме идентификација на сите производители, земјоделци, во реоните. Наместо да не почитуваат и да почнеме заеднички развој, тие ни ги раскинуваат договорите, додаде претседателот на Федерацијата на земјоделски синдикати.

И претседателот на источниот регион на земјоделци и сточари при Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), Ристе Бајаглав повика државата да им помогне на земјоделците кои во моментов, како што рече, се соочуваат со сериозни проблеми покрај корона пандемијата.

-КСОМ апелира до сите министри, да ги сторнираат решенијата за раскинување на договорите, да им се помогне на земјоделците во Свети Николе и да им се овозможи да си ги платат долговите или да се направи замена со концесијата. И оваа и сите наредни влади треба да знаат дека за да се задржат младите треба државата да им подаде рака. Земјоделството кај нас е приоритет, ние не сме земја на компјутери, туку на производство, истакна Бајаглав.

Тој оцени дека со раскинувањето на решенијата за земјиштето, над 400 семејства, меѓу кои и млади луѓе, сериозно ќе почнат да размислуваат за заминување од државата.

-Во овие 30 години ќар имаа само авантуристите во земјоделството, производителите никако. Гледате што се случува со јагнето, со оризот, откупната цена е катастрофална, проблеми има и со тутунот. Мора да престане оваа агонија кон земјоделците. Три децении сме игнорирани, а придонесуваме за економската ситуација, нагласи Бајаглав.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници