Цената на морскиот трговски превоз се зголеми неколку пати поради блокирањето на Суецкиот канал каде е заглавен товарен брод со контејнери, пишува Блумберг.
Според експертите на агенцијата, сè уште е тешко да се проценат загубите што ќе ги претрпи светската економија поради инцидентот во Суецкиот канал.
До денеска, според Блумберг, стоки и нафтени деривати во вредност од над 10 милијарди долари се блокирани во Суецкиот Канал. Во исто време, кризата предизвика зголемување на цената на морскиот товар.
Доколку каналот остане блокиран неколку недели, танкерите кои испорачуваат нафта и нафтени производи од Блискиот исток во Европа, можат да бидат пренасочени по алтернативна рута – околу ’ртот Добра надеж. Според проценките на агенцијата, во тој случај трошоците за испорака ќе се зголемат за најмалку 300.000 американски долари, а тоа е количината на гориво што мора да се плати за секој танкер за да се помине растојанието од дополнителни 9.650 километри.