Папата Франциско го направи првиот голем чекор за реформирање на Банката на Ватикан, определувајќи доверлив прелат да го надгледува нејзиното раководење, пренесуваат американсиките медиуми.
Франциско денеска го назначи монсењор Батиста Марио Салваторе Рика за привремен прелат во Институтот за религиозни дејности (ИРД), попознат уште и како Банката на Ватикан.
Ова е клучна функција, што е слободна уште од 2011 година. Прелатот ја надгледува активноста на банката, учествува во собранијата на нејзиниот Управен совет и има достап до целата нејзина документација. Тој ја известува комисијата на кардиналите, предводена од вториот човек во Ватикан, кои го раководат Институтот.
Во пракса тоа на прелатот му дава директна врска со папата. Непосредно пред да се повлече папата Бенедикт Шеснаесетти го назначи германскиот аристократ и финансиер Ернст фон Фрајберг за претседател на ИРД. Тој изјави дека главниот проблем на банката е нејзината репутација, а не некакви оперативни слабости.