Јапонскиот сопственик на огромниот товарен брод „Евергрин“, што два дена е заглавен во Суецкиот канал, денеска се извини за инцидентот што ја нарушува глобалната пловидба преку овој светски значаен сообраќаен крвоток.
Американските медиуми пренесуваат дека сопственикот Шоеи Кисен се извини за „огромната загриженост што инцидентот ја предизвика кај другите бродови и нивните сопственици“.
Тој додаде дека со неговата компанија и локалните власти работат бродот да отплови од каналот, но дека „операцијата е исклучително тешка“.
„Евергин“, бродот долг колку зградата „Емпајер Стејт билдинг“ во Њујорк, што носи товар меѓу Азија и Европа под знамето на Панама, попречно се насука во вторникот утрината, во вештачкиот канал што ја дели континентална Африка од Синајскиот полуостров, откако изгуби контрола поради силните ветрови и пустинската прав, соопшти Управата на каналот Суец (СЦА), пренесе Си-Ен-Ен.